Напоредно со негувањето на народните театарски форми, како што се Караѓоз, Медох и Орта ојуну, во средината на XIX век во Турската Империја длабоко навлегле влијанијата на европската културна традиција и театар.

Напорите на турската интелигенција да фати чекор со современиот европски, пред сè француски, театар биле најочигледни во политичкиот и во културниот центар на земјата – Истанбул. Откако тука биле направени првите обиди за создавање театар од европски тип, подоцна тие се прошириле и во другите краишта на Империјата, па и во Македонија.

Во „Цариградски весник“ бр. 22 од 30 октомври 1848 година, пишува: „Минатата сабота почна со театарски претстави новосоздадениот, од сите страни убав, театар ’Бејоглу’.“ Набрзо, во овој театар почнале да гостуваат и странски трупи. Во исто време е одбележано дека во Цариград, на Галата Сарај, работел уште еден театар на еден Сириец по име Михаил Наум Ефенди, познат како „Наум театроси“.
Природно, слични обиди се правеле и во поголемите градови во Македонија. Ова во прв ред се однесува на Солун, како втор град во Царството, во кој, според известието на весникот „Турција“ (бр. 21 од 21 декември 1864 година), на местото на еден стар театар се градел нов.

Примерот на Солун го следеле Скопје и Битола, во кои културната монотонија била разбивана со повремени гостувања на разни патувачки трупи. Судејќи по зачестените гостувања на театри отстрана, се чувствувала потреба и во Скопје да се изгради театарска зграда.

Со доаѓањето на Махмуд Шефкет-паша за скопски валија, човек образован во Берлинската воена академија, идејата се реализирала. Така, додека неговиот претходник Хафиз-паша го изградил кејот на Вардар и го покрил делот на Серава што тече низ градот, Махмуд Шефкет-паша ги изградил Железничкиот мост преку Вардар и театарот. Тоа е првата театарска зграда во Скопје, која кај скопјани е останата во сеќавање како Турски театар, а започнала да работи во 1906 година.

Зградата била лоцирана на местото каде што беше старата зграда на МНТ. Објектот бил голем, а неговата местоположба иста како и на зградата на МНТ. Ист бил и влезниот хол кон гледалиштето и сцената. Подот во салонот бил рамен и дозволувал и други видови приредби – од театарски и кино-претстави до балови и свечени приеми на скопските конзули. Салата имала ложи, а била осветлена со гас-ламби (лукс-ламби или газелини). „Салонот“ имал голем капацитет и бил прилично висок. Гледалиштето имало правоаголна форма и галерија, што се гледа од приложените фотографии на кои се наѕира меѓукатната конструкција во средината на прозорската височина. Греењето било со обични печки и не задоволувало, па на подот се седело со скрстени нозе, околу мангали во кои се варело кафе. Еден дел од ложите имал решетки, од каде што анамите ги следеле настаните на сцената. За оваа зграда ќерката на Бранислав Нушиќ, Гита Предиќ, во „Нова Македонија“ од 20. I 1957 година, меѓу другото, истакнува дека била изградена од слаб материјал, со многу дрвенарија, но дека, сепак, била мошне голема, така што можела да прими повеќе луѓе отколку „Народно позориште“ во Белград. Пред театарот имало градина со шадрван чија вода високо плискала, додека околу него седеле Турци, Арнаути и други на ниски столчиња и пиеле кафе. Зградата имала партер со над 20 ложи и потребни галерии. Сцената била широка, опремена со богата декорација изработена во Дизелдорф. Театарот имал име  – „Грасдски театар Шубан и Ватан“.

Гостувањето на „Српско кралско народно позориште“ од Белград во Скопје кон крајот на октомври и во почетокот на ноември 1909 година е регистрирано во написот „Една посета во Скопје“. Во него стои дека во преполнетата сала на турскиот театар публиката била сместена на двата ката со ложи и во широкиот партер. „На втората галерија се белееја кечиња на салепчии и бозаџии, кои беа презадоволни од песните во ’Коштана’ поради што силно свиркаа, во замена на аплауз, а долу во партерот сè се црвенееше од длабоките фесови на образованата публика. Од први- те ложи се извиваа пердуви на големите женски шапки купени во Солун, Пешта и Белград.“

Главен закупувач на театарот бил некој Италијанец, кој преку својот застапник во Скопје, Морени, ја издавал зградата под наем. Но, кога избувнал судирот меѓу Турција и Италија, дотогашните подзакупници Хасан Шукри и Ф. Бајрам се ослободиле од скапото посредништво на Италијанецот и зградата директно ја презела општината. Покрај драмските и оперските претстави, се при кажувале и кино-претстави. Салонот располагал со кино-апаратура што се движела на мотор, а која била сместена во помошната просторија откај јазот. Од посебно значење фактот што првите кино-претстави во Скопје биле одржани во овие простории. Закупнината изнесувала еден наполеон на ден. Тука се прикажувале и театарски и оперски претстави, концерти на пејачката дружина „Вардар“, како и на училиштата во Скопје, официјални приеми и балови, што повремено биле приредувани од страна на конзулатите на одделни странски држави кои во Скопје ги имало во поголем број. Во 1898 година Скопје имало 35.000 жители, а во него биле акредитиранн руски, австриски, грчки, српски и бугарски конзули, а се очекувало наскоро да пристигне и англиски. Стариот мост стоел над Вардар. Бугарите имале убав конзулат на кејот на Вардар, Грците имале неколку убави згради, посебно убава гимназија, Србите имале свое училиште. Градот во тоа време имал околу 50.000 жители.

Расходите за градбата на Театарот, заедно со декорациите и внатрешното уредување и мебелот изнесувале 150.000 лева. Скопје можело со право да се гордее со него, бидејќи во тогашно време тоа бил единствениот модерен театар во цела Турција.

Постоењето на Театарот и неговата активност по превратот дошле токму навреме, бидејќи тоа било можност поголема маса Турци, без разлика на нивната ошптествена положба, да се соберат во него со можности едните да ги искажуваат патриотските чувства, а другите да се будат од вековната летаргија што ја наложувала злочестата династија и престапничката тиранија.

Дотогаш театарот служел повеќе за кафе-шантан, каде што се појавувале разни третокласни актери и актерки.
Напоредно настапувале и дилетантски театарски трупи кои прикажувале претстави. Една од нив е трупата на турската националистичка младинска организација „Шубан и Ватан“ (Младоста на татковината). По името на организацијата театарот е наречен „Градски театар – Шубан и Ватан“.
Во еден допис од Бугарија се говори за претставата „Ватан“ и, меѓу другото, во написот пишува дека идејата и иницијативата за изградба на театарот се должела на неколкумина млади интелектуалци – Турци, меѓу кои бил и високообразованиот Изет-бег, воен инспектор на српската граница. 

Пиесата „Ватан“ ја напишал локалниот турски писател Кемал-бег, чиј портрет бил поставен пред две антички слики. Театарот бил преполн со Турци, млади и стари феслии и оние што носеле чалми, како и со арнаути со бели кечиња. Засвирел воениот оркестар, но наместо „Хамидие“, тој првпат ја отсвирил „Химната на слободата“. Се кренала завесата и пред гледачите се покажала мома облечена во бел фустан, која во едната рака го држела турското знаме, а во другата меч. По второто кревање на завесата – портретот бил опколен со сите актери што учествувале во претставата, од кои двајца излегле напред и одржале говор кој често бил прекинуван со аплаузи. Претставата била следена со огромно внимание, со гробно молчење и жив ннтерес. А кога актерите ги изговориле зборовите Ватан Османли, душман – салата се тресела од френетични аплаузи.

И покрај тоа што пиесата била играна од актери-аматери, кои првпат прикажале патриотска претстава, исполнувањето било повеќе од успешно. Особено со својата игра се истакнал Фаик-ефенди, инспектор на православните училишта и учител по турски јазик во бугарското педагошко училиште, кој доста успешно ја одиграл улогата на командантот на опседнатата тврдина, кој херојски опстојувал и ги отфрлал нападите на непријателите. „Впечатокот од претставата бил неопислив, па одново ги воодушевил дури и старите закоравени Турци, во чии жили се влеала една мала доза од новиот животен еликсир на преродената Турција“.

На претставата присуствувале сите конзули – англискиот, австрискиот, рускиот, грчкиот и српскиот – како и поголем дел од европската колонија, како и неколкутемина австриски жандармериски офицери и сите турски чиновници и првенци. За неколку дена во Скопје требало да пристигне бугарска театарска група, пишува весникот „Вечерна пошта“ бр. 144 од 12.9.1908 година.

За претставата пишува и весникот „Вардар“ од 7.9.1908 година, и тоа дека на 5 септември учениците на Ислахана ја прикажале драмата „Татковина“ од познатиот турски писател Ќемал-бег. Општинскиот театар бил преполн со публика, а биле и претставниците на власта и сите конзули, освен бугарскиот агент. „Учениците ја одиграа драмата како мошне добро увежбана театарска трупа. На аплаузите им немаше крај. Публиката уживаше искрено во убавите сцени и патриотски извици на најдобриот турски писател“.
Весникот „Вардар“ од 13. Х 1908 година пишува дека минатата сабота турската театарска трупа ја прикажала во Општинскиот театар пиесата „Беса“ од познатиот турски писател Шемседин Сами-бег. Пиесата била со тема од современиот арнаутски живот.

Покрај ова, интересни се и податоците што ни ги дава Филиз Незир во написот „Имало Турски театар на локацијата на која сега се гради новиот МНТ“, дека „во првите години поставена е претставата на Нам’к Кемал „Татковина или Силистра“, од биле се заработени 240 османслиски алтани. Охрабрени од овој успех, градските интелектуалци, со цел да се постигнат повисоки стремежи, во Скопје го поканиле господинот Бурханеттин, тогаш славен актер во Истанбул. Со него ги поставиле претставите „Наполеон Бонапарта“, „Како се случи?“, „Младиот Осман“ и „Тарик“, кои биле со воодушевеност прифатени од страна на публиката. Во последните месеци на 1908 година била поставена претставата „Беса“ од Шемсетин Сами-беј. Според текстот на Хусеин Сулејман, во кој тој пишува дека во последните години од владеењето на Османлиите во работата на скопскиот градски Турски театар учествувале Ферид Бајрам и Хасан Шукру, тој потенцира дека широките народни маси не биле толерантни во однос на овие случувања. Во текстот на Сулејман пишува:
„Поголемиот дел на населението, под влијание на верскиот фанатизам, не гледаше со симпатии на театарот. Од овие причини, во тој период, зборот театар носи други значења, особено неморални. Интелектуалците го мислеа спротивното. Но, за жал беа беспомошни во однос на мнозинското верски ориентирано население...“

Весникот „Вардар“ од 19 мај 1911 година пишува дека во Општинскиот театар се одржала конференција на која говорел новинарот Етем Рухи-бег за надворешната и за внатрешната политика.
Работењето на Театарот, на киното, на Културно-уметничкото друштво „Вардар“ и на Градскиот театар „Шубан и Ватан“, како и ученичките приредби на гимназиите, гостувањата на народните театри од Белград и Софија, театарот на Војдан Чернодрински и многу други гостувања на патувачки театри, циркуски групи, жонглери и задолжителниот „Караѓоз“ театар, делумно ја пополнувале активноста на културен план во Скопје по Хуриетот.


Во државната голема медреса „Крал Александар“ учениците прикажувале претстави. Така, на 29 април 1928 година, за време на Бајрам, ја прикажале претставата „Адем-бег“ со концертен дел, а во ноември 1928 година ја прикажале „Грешници“. Според извештајот на училиштето, во учебната 1928/29 година биле прикажани пет драмски претстави, а во 1930/31 година – три пиеси.
На Курбан-Бајрам учениците од шести клас ја прикажале пиесата „Моминска клетва“. На 8 март 1936 година, на екскурзијата во Битола, во салата на Театарот, ја прикажале „Хаџи Лоја“. Истата претстава ја прикажале во Охрид во хотелот „Ривиера“, а на 6 март 1936 година таа е прикажана во Народниот театар во Скопје и пов-торно на 2 декември 1936 година.

Оваа прошетка по историјата го покажува континуитетот во развојот на театарското дело на турскиот народ во Македонија. И по ослободувањето се одржувале приредби насекаде. Така, на 30 мај 1945 година, во женското училиште „Ирфан“, била прикажана приредба на Турчинките, во која настапиле и ученичките иа училиштето „Шефкет“. По химните, рефератот, хорските композиции, рецитациите, дијалозите, читањето басни и стари народни приказни, турскиот хор ги испеал „Во борба“ и „Денес над Македонија“, а потоа била рецитирана „Партизанска пролет“ од В. Марковски. Биле одиграни и неколку ора, а на крајот била прикажана пиесата „Дончева Нада“.

Октомврискиот фестивал во 1949 година му ја доделил наградата во износ од 8.000 динари на КУД „Јени јол“ од Скопје, за претставата „Шабан оџа“ од Мустафа Карахасан.
Друштвото „Јени јол“ е формирано на 15 мај 1948 година. Негова прва претстава е „Хаџер“ од Мустафа Карахасан. Друштвото е наградено со 10.000 динари, а неговите членови Џеват Хусеин и Јилдиз Ахмет со 1000 динари и Шерефедин Хајредин со 500 динари. Друштвото во Скопје прикажало над 10 претстави пред 4.000 гледачи. Драмската трупа ја подготвила и пиесата „Инадирмак“ од Мустафа Карахасан. Пиесите биле прикажани во Скопје осумпати и по двапати во Куманово и Велес, а еднаш и преку Радио Скопје. Во Скопје биле прикажани и три претстави за жените. За заживувањето на драмската трупа најголема заслуга имаат Идриз Осман, Јилдиз Ахмет и Џеват Хусеин, како што пишува Шукри Рамо во „Културен живот“ во јуни 1949 година.

Со решение на Извршниот одбор на Градскиот народен одбор на Скопје, во втората половина на декември 1949 година е формирана управа задолжена да раководи со целокупната работа на Малцинскиот театар. За директор е назначен Абдуш Хусеин, штотуку завршен ученик на Првата генерација на Државната театарска школа. За негов помошник е назначен Бехаедин Красниќи. Актерскиот ансамбл е составен од актерите на КУД „Емин Дураку“ и „Јени јол“. Со задоволство било констатирано дека меѓу актерите има и многу млади Турчинки и Албанки. На театарот му биле доделени простории во кои веднаш можел да почне со работа.
Абдуш Хусеин раскажува дека го повикале Лилјана Чаловска и Кемал Сејфула. Тие му ја соопштиле одлуката за основање на театарот. Веднаш се пристапило кон собирање луѓе кои би можеле да се вклучат во неговата работа.
На 11 март 1950 година, во Министерството за наука и култура се одржал состанок со директорите на театрите, на кој Абдуш Хусеин известил дека Турската „трупа е собрана“ и дека ќе почне со работа, а Албанската „допрва ќе се собира“. 
Турската трупа својата прва премиера „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ ја прикажала во Салонот на МНТ на 8 јули 1950 година. Режисер на претставата бил Абдуш Хусеин. Во улогите настапиле: Јеротие – Шефки Махмут, Аница – Јелдиз Ахмет, Марица – Суна Махмут, Виќо – Сеза Окџуоглу, Жика – Бехиќ Садулах, Милисав – Шерефедин Неби, Ѓоко – Фикрет Демир, Алекса Жуниќ – Абдуш Хусеин, Јосо – Фаик Хасан.


Турскиот уметнички колектив на Малцинскиот театар со голем успех го прикажало „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Абдуш Хусеин. Претставата несомнено оставила длабок впечаток кај публиката, судејќи по нејзината реакција. Режијата вложила максимум залагања за да биде изведбата на Нушиќ што повеќе реалистична. Речиси целиот колектив добро ја сфатил задачата. Навистина треба да се подвлече дека турскиот колектив, со оглед на тоа што тоа било прва претстава, постигнал голем успех. Публиката имала впечаток дека гледа колектив со долгогодишно искуство. Мустафа Карахасан, во рецензијата објавена во „Нова Македонија“ на 3 август 1950 година, под наслов „Женидба“ од Гогољ и „Сомнително лице“ од Нушиќ, меѓу другото, пишува: „...Во интерпретирањето на капетан Јеротие Пантиќ, Шефки Махмут покажа дека засега е најдобриот во колективот. Тој наполно влезе и се соживеа со својата улога, така што ја толкуваше со голема слобода и, би се рекло, со голема рутина. На сцената беше сосема сигурен, така што неговите движења во голема мера влијаеја на другите во толкувањето на нивните улоги. Не би се претерало кога би се кажало дека Шефки Махмут како артист има прекрасни особини и квалитети, кои во иднина повеќе ќе се развијат. Со добри успеси своите улоги ги толкуваа Јилдис Махмут и Суна Махмут (Анѓа и Марица), а особено Јилдис, која ја изненади публиката со своето сценско држење. Таа е позната како артистка уште од драмската група ’Јени јол’. Сега добро ги толкуваа своите улоги Муса Халим како Таса, Сеза Окчиуолу како Виќа, Фаик Хасан, Шефкет Неби и другите.“

Во Турската и во Албанската трупа биле ангажирани актери покрај од КУД „Јени јол“ и „Емин Дураку“, и од драмската трупа „Братство единство“ од Дебар. Во времето на прикажувањето на првите претстави, Турската трупа имала 15 мажи и 2 жени, а во составот на Албанската трупа биле вклучени 15 мажи и 4 жени. Во Малцинскиот театар, според тоа, биле вработени 36 актери.

Малцинскиот народен театар е основан во согласност со решението на Градскиот народен одбор бр. 4579 од 1950 година. Со отворањето на Театарот се крунисаа напорите и идеалите кон кои се стремеа нашите национални малцинства во својот сестран развоен пат да имаат свој театар.      
     
Таа година веќе суштествуваа неопходните општествено политички услоови да се оствари на дело и во оваа овласт на културата, полната рамноправност на народите и народностите во Македонија и во цела Југославија. На територијата на тогашна Југославија веќе беа формирани малцински професионални театри – Албанската драма во Приштина; Унгарската драма во Нови Сад и Суботица, како и Италијанската драма во Риека. Поради тоа, надлежните органи на општествено-политичката заедница на Скопје ја потикнуваа иницијативата за основање ваков театар, што требаше да земе врз себе необично одговорна и значајна обврска за ширење на сценската уметност меѓу припадниците на турскиот и албанскиот народ.
На овој начин турското и албанското национално малцинство во Скопје и во цела Македонија се здобија со една општествена трибина за издигање на своето културно и просветно ниво. Со отворањето на овој театар се крунисаа напорите и идеалите кон кои се стремеа нашите национални малцинства, во својот сестран развоен пат да имаат и свој сопствен театар.

Се редеа едноподруго премиерни изведби. Со низа слабости и успеси, колективот на Турскиот театар се збогатуваше со искуства. Младите ентузијазирани артисти сè повеќе израснуваа во вистински уметници на сцената. Во печатот сè повеќе се пишуваше за постигнувањата на овој млад, но полетен колектив. Така, со зголемувањето на активноста на Ансамблот се слушаше не само за неговото постоење туку и за уметничкото созревање. 

Благодарение на разовидниот и квалитетен репертоар, Турскиот театар во Скопје стекнуваше сè побројна, редовна публика. За тоа придонесоа и други настојувања: трудољубивата и самопрегорна работа на повеќе генерации режисери и артисти, решителните ставови на управите во овозможувањето на сите вработени да го користат театарот за натамошно лично стручно и културно збогатување и не само на вработените туку и на припадниците на турскиот народ во Македонија – ученици, студенти, возрасни. Во сообразност со правилната театарска политика, Ансамблот беше редовен гостин во продрачјата на Македонија каде што живеат нивни сонародници, а кои ги чекаа со нетрпение.
За културното зближување на народите, важни се и гостувањата што беа организирани во многу држави. За одбележување е дека покрај театрите во Турција, Турскиот театар од Скопје е единствен професионален театар не само на Балканот туку и на светот. Признанијата што Турскиот театар ги добил во овие 65 години од компетентни македонски и светски театарски жирија, како и од критиката, навистина се бројни и ласкави. Меѓу другото, Турскиот театар има освоено голем број награди и како театар и како поединци. Со својата работа тој претставува првокласен фактор во втемелувањето на турската национална и македонска култура, посебно на театарската уметност, од часот кога се појави па сè до денес. Тој таа важна функција ја вршеше во пресудниот момент по Ослободувањето и, што е најважно, притоа никогаш не запаѓаше во роматичарски претерувања и застранувања.

Во текот на својата дејност, Турскиот театар е и своевидно училиште на театарските стручњаци, полигон за обучување млади писатели, режисери, актери, сценографи, костимографи, кои потоа оставија видна трага во целокупниот наш простор. 

Турскиот театар во македонскиот театарски живот дејствува како пресуден фактор кој не допушта еден театар да се затвори само во себе, да се повлече на периферијата, да се провинцијализира и да изгради лажни критериуми на вредности само во својата средина. Напротив, Турскиот театар со задоволство и често излегува на широката балканска арена, па и пошироко, и таму слободно се изложува на оценувања, за кои може да се верува дека се објективни.   

 

Историјат

STAFI

ИЗВЕШТАИ

Јавни набавки

DOKUMENTE

Слободен пристап до информации од јавен карактер

Управен одбор

АЈНУР СЕЈФУЛАХ - ПРЕТСЕДАТЕЛ
СУЗАН АКБЕЛГЕ - ЧЛЕН
ФИЛИЗ АХМЕД - ЧЛЕН
СИБЕЛ ВЕЛИ - ЧЛЕН
ЕРДЕМ СЕЈФУЛАХ - ЧЛЕН

Достигнувања

Галерија

Нашиот нов театар

МОНОГРАФИИ