Работена со сопствени средства, утре напладне, на 15 јануари, во Турски театар премиерно ќе биде изведена младинско-детската претстава „Девојчето со кибритчиња“ од Ханс Кристијан Андерсен во режија на Емине Халил чија идеја е да ги запознае најмладите со вистинската страна на животот.
Годината во која го одбележува својот голем јубилеј - седум децении од постоењето Турски театар симболично ја почнува со премиерна изведба на младинско-детска претстава како показ за тоа каде е иднината на оваа наша институција и кои вредности покрај уметноста таа има на ум да ги негува. Оваа среда напладне, на 15 јануари, на сцената во Театар Комедија каде времено битисува овој колектив ќе биде исправена „Девојчето со кибритчиња“ работена според светски познатата бајка на данскиот класик Ханс Кристијан Андерсен овојпат видена од младата актерка и во случајов режисерка Емине Халил и нејзините генерациски блиски колеги главно од Факултетот за драмски уметности кои неодамна го имаа или допрва ќе го чекаат своето прво вработување и отсонувањето на сонот да се игра и живее театарот. Значи, во отелотворувањето на тажната приказна за девојчето со кибритчиња, кое измрзнато од студот упорно се обидува да продаде некое кибритче со што би заработила малку пари, неопходни за неа и нејзиниот татко, со вербата во себе и својата младешка енергија наспроти изразениот скептицизам за поставување на овој текст во светот на театарот воопшто, освен Халил која ја толкува и насловната улога, влегле Хакан Даци како Андерсен, Сара Јусуф како Викторија, Луси, кокошката...Бурак Рахман како Оскар, Жале Османи – Ема и Девојчето со кибритчиња 2, Метин Ибрахим – Елиас, Озел Асанов – Оливер, Дебелиот и Фредерик, Слаѓана Вујошевиќ – Баба, Куче и Кокошка и Едис Мусиќ како Алфред.
Во пресрет на премиерната изведба Емине Халил појаснува дека ова е е прва режија и дека ја одбрала да ја работи токму приказната „Девојчето со кибритчиња“ од Андерсен затоа што тоа и е една од омилените бајки, но и со идеја да им покажат на децата што е тоа емпатија и како да се запознаат со неа.
„Идејата ми беше да им покажеме на децата што е емпатија и како да се запознаат со неа. Да научат нешто повеќе за реалниот живот, да не плачат по своите телефони, таблети...како што денеска секое дете е опседнато со тие технологии. Сакав да им ја покажам вистинската страна на животот односно дека постојат луѓе кои се на улица и воопшто немаат ништо. Исто така посакав да дадам порака бидејќи како што растеме забораваме на магијата. Сакав барем за момент да застанеме сите, да си замислиме желба и да се вратиме во тој период во детството кадешто секогаш сè е возможно“, вели Емине.
Таа дополнува дека со внесувањето на Андерсен во приказната сакала децата да ги запознае со еден важен момент од светската книжевност и со театарот. Ќе рече дека нејзе и било особено мило што процесот го работеле со младите колеги.
„Имаше друга енергија. Имаше многу идеи кои ги разговаравме, дебатиравме и потоа ги создававме сцените. Имаше премногу пријателска атмосфера и буквално претставата се создаваше во магија“, потенцира таа.
Во овој контекст Сара Јусуф, на која патем ова и е прв проект во Турски театар, ќе рече дека добиле шанса да се запознаат едни со други и да дишат како еден на сцена.
„Ова е многу стара приказна но ние пробавме да ја интерпретираме на еден поинаков начин – низ игра и низ кореографии. Особено е важно да се спомне дека емпатијата се заборава и кај возрасните но уште повеќе кај децата и затоа е важно што со „Девојчето со кибритчиња“ сакавме да ги потсетиме сите дека треба да се допреме едни со други, да си помогнеме... без разлика кои сме во самата сторија. Ја живееме сите приказната и треба да се потрудиме таа да заврши со среќен крај“, смета актерката.
Инаку, Турскиот театар се чини дека и годината во која го слави својот голем јубилеј – седум децении од постоењето, и периодот за кој планира поставување на повеќе институционални и копродукциски проекти во чест на прославата, ќе ја помине во очекување на вселувањето во сопствениот дом. Неговата изградба веќе две години тапка во место, а в.д директорката на оваа институција – актерката Несрин Таир очекува еден убав ден „политичарите, односно владата и Министерството за култура да го решат проблемот“.
„Јас имам сознанија дека за следната фаза за доградба на Национална установа Турски театар требаат 115 милиони денари за фасада и за кров. Доколку тоа не се случи во догледно време, изграденото до сега со многу анекси и за кое се потрошени многу средства, за што лично немам такви сознанија и затоа не сакам да навлегувам, едноставно ќе почне да пропаѓа. Не сакам да се бавам со ветувањата, но можам да ви кажам дека на сите дописи што сум ги праќала досега до Министерството за култура го добивам одговорот дека се прави сè за да се реши проблемот и за да продолжи изградбата на Турски театар“, вели Несрин Таир.
Љупчо Јолевски
https://www.slobodnaevropa.mk/a/30376736.html