( „Три сестри“ од Чехов; режија и адапатација, Васил Христов; продукција Турски театар – Скопје; премиера: јуни 2019 г.)
Не долго по инсценацијата на „Кралот Иби“ од Жари на сцената на Драмскиот театар, режисерот Васил Христов повторно пријатно не изненадува со својот прочит на класикот Чехов, овој пат на сцената на Турскиот театар од Скопје. Одамна важи правилото дека уметноста (претставата) е можна на илјада начини, но кога веќе ќе се избере еден од нив тогаш мора да се опстои на тој избор. Имено, Васил Христов го прави токму тоа. Се определува да ни понуди еден Чехов кој ќе кореспондира со нашето време. Класикот на светската драма и театар се огрнува во ново руво. Втемелувачот на психолошкиот реализам овде, преку разни сценски алатки се преобразува во претстава на т.н. нов реализам кој извонредно комуницира со гледачите. Притоа, тој не губи ништо од своите својства на длабок и виспрен аналитичар на човековата душа. Во оваа преобразба режисерот Христов за соработници ги има драматургот Викторија Рангелова и костимографот, Роза Трајчевска Ристовска. Се друго прави сам: сценографија, режија, избор на музика. Како сценограф, тој ја соголува сцената и ја руши драмската фикција. На сцената се расфрлани неколку елементи, а во нејзиниот средишен дел е поткрената платформа на која повремено се музицира на тапани, а пред оваа платформа на централно место е сместен Таткото, како вметнат лик во претставата, драматуршко-режиска интервенција во толкување на Наџи Шабан. Со овој лик, како да се привикува минатото во обид да се протолкува сегашноста на главните протагонисти и се отвораат прашањата за генерациските, па ако сакате и за генетските предиспозиции на истите. Така, ако не е претерано да се каже, сценското пространство се претвора во „куќа на сеништата“.
Инаку, доминатна црта на оваа инсценација е тегобноста од егзистенцијален манир во која се препелкаат ликовите. Тие, сестрите, едноставно тешко се снаоѓаат во дадените околности. Нив како претерано емотивни и образовани ги гуши провинциската средина и спас бараат во заминувањето за Москва. Се разбира, тоа ќе остане само пуста желба! Покрај разголената сцена, во контекстот на постдрамската естетика, Христов и тука ги користи новите медиумски технологии, па ликовите се озвучени, сцената се „капе“ во светло и звуци, а актерите агираат најмногу со својата сценска присутност, а никако со психологизирање на некаква драмска фикционалност. Тие се сосем обични. Воопшто, на показ е една извонредно канализирана актерска енергија која е во постојана интеракција со публиката. Главната артикулација се одигрува преку музиката која е современа и со својата актуелност просто се претвора во лик во претставата. Значи, станува збор за компактен, комплетен драмски ансамбл кој извонредно се справува со задачата.
Емине Халил, Ерман Шабан, Жале Османли, Инес Радончиќ, Јеткин Сезаир, Неат Али, Осман Али, Селпи Керим, Сузан Акбелге и Џенап Самет, членови на ансамблот на Турскиот театар се извонредно одмерени, прецизни и конкретни во своите актерски креации и во инаугурирањето на нов, современ тип на актерска игра и така на најубав можен начин го подржуваат иновативниот и оригинален режиски концепт и ракопис на Васил Христов. Градејќи претстава на „анти чеховска“ основа тие ја создаваат најчеховската претстава односно претставата која би можела да го носи епитетот Чехов на нашето време.
Ја одбележуваме и костимографијата на Р. Трајчевска Ристовска со која се поцртува фактот дека станува збор за ликови од нашето секојдневие, потоа светлото на Бекир Кубур и ангажманот на тон – мајсторот, Емрах Џемаил. Во последната сцена се инсценира кулминација на сценските случувања кога во еден прекрасен буклет се спојуваат музиката од разгласот и вокалните интерпретации на актерите и џез изведбата во живо! Ја бележиме и сцената кога преку монолозите сестрите ја детектираат својата несреќна судбина и не без тага ќе констатираат, дека кога нив веќе ќе ги нема и ќе бидат заборавени, на земјата ќе настапи среќа и мир… слично како утехата на Соња во „Вујко Вања“.
Како и во многу други комедии на Чехов и овде еден од главните извори на несреќата е во тоа што сите се заљубени, но за жал најчесто во погрешниот/та!
Повелете и уверете се колку и денес Чехов е „жив“ и актуелен.
„Три сестри“ е уште една бисерна претстава на репертоарот на Турскиот театар од Скопје која неизоставно треба да се види!
ТОДОР КУЗМАНОВ
https://teatarskikritiki.wordpress.com/2019/06/22/