(„Крал Лир“ од Шекспир; драматизација и режија, Диего де Бреа; продукција Турски театар – Скопје; премиера, 2017 г.)
Занатски најстегнатата и лирски најзгусната трагедија „Крал Лир“ од Шекспир гостинот од Словенија Диего де Бреа на сцената на Турскиот театар ја поставува во една скратена и исто така згусната сценска приказна. Би се рекло дека „бајката за деца“ како што за трагедијата еднаш се искажува театрологот со светски глас и реноме, Јан Кот, а која зборува за таткото и неговите две лоши и едната добра ќерка, режисерот ја концентрира токму на ликот на непромислениот и наивен крал кој не може да ја согледа лажната изјава на љубов од своите две ќерки Гонерила и Регана и брзоплето донесува одлука да им го подели кралството, а најмалата Корделија ќе ја лиши од наследство и без малку ја проколнува и прогонува од дома. Всушност, преку драматуршките интервенции, де Бреа се ослободува од паралелните текови на драмата и судбините на останатите ликови, какви што се на пример, Глостер и неговите два сина, а чија судбина не е многу поразлична или подобра од онаа на самиот Лир, потоа на Кент итн. а трагедијата ја престорува во гротеска за жалната коб на кралот кој имајќи се останува без ништо. Сега, веднаш по непромислената дарежливост кон неблагодарните и лицемерни ќерки Гонерила и Регана, нему му останува само пределот на страдањето и лудилото, односно пределот на смртта. Пред нас во оваа сценска постановка доминира остарениот и полуден човек во својата немоќ и очај. Во манирот на постдрамскиот театар овде агираат само шест сценски ликови кои, освен Лир, играат по неколку ролји паралелно. Формата на изразот е концертна и камерна. За овој свој концепт тој има соодветна соработка со Благој Мицевски, автор на сценографските и костимографските решенија. Мицевски просторот го празни од многу декор и реквизити и остануваат само една столица или симболот на престолот и на кралството, една бесилка на која ќе заврши неутешната Корделија, и постаментот, односно подвижната болничка носилка на која својот живот ќе го заврши Лир. Ликовите се костимирани така што силно асоцираат на ова наше совремие, во црни костими, дефилирајќи по потреба до двата микрофони фронтално поставени на сцената. Веќе рековме дека станува збор за постдрамски театар во кој се редуцирааат елементите на Шекспировата трагедија во нивната изворна форма, а местото на случувањата се универзализира и осовременува. Оваа гротеска, значи се одигрува во една урбана цивилизација во која заверата на небото и земјата против несреќниот крал соодветно ќе најдат своја замена во радикална стилизација. Така, на пример, бурата ќе биде заменета со димот од цигарата, а дождот со шише вода со кое ќе биде полеан Лир. Значи, природата испарила затоа и просторот е речиси чист. Судбината на човекот видена преку ликот на Лир е едно лутање и пат кон смртта, од колевка до гроб. Попатно ќе наиде на многу зла и прокоби. Во оваа трагедија има многу тага и јад, а малку изливи на љубов и милосрдност. Тоа се ретките сцени на задоцнетата наклоност помеѓу Лир и неговата најмала ќерка Корделија.И овде атмосферата е во стилот на голем број трагедии на Шекспир, мрак кој се обвива, а на крајот секогаш сцената ќе остане пустелија прекриена со многу трупови. Овде тоа се на пример, труповите на лицемерните ќерки, сопругот на едната од нив, незаконскиот син на Глостер, Едмунд, самиот Глостер и на крај, Лир и Корделија. На сцената е прикажана само смртта на последниве двајца од наброените несреќници. Режијата на де Бреа е концизна и чиста со многу стилизација и естетска дистанца од Брехтовски тип. „Крал Лир“ на режисерот де Бреа и на ансамблот на Турскиот театар е претстава со цврста структура и динамичен тек која преку завршната музика во избор на режисерот порачува дека и главниот лик, но и другите, се само странци во ноќта, што ќе рече во мракот, осудени да лутаат, напуштени и од Бога и од луѓето. Можеби, во оваа постановка отсуствува поголемо сенчање на улогата на дворскиот шут и промената на ролјите со Кралот Лир, но тоа останува избор на режисерот и неговиот концепт за една радикална верзија на шекспировата трагедија при што таа се трансформира во една концертна и камерна театарска изведба без оглед што се одигрува на големата сцена.
На актерот Џенап Самет ова му е втор насловен лик во делата на Шекспир по оној на „Отело“. Основна одлика на неговата креација е фатализмот и стоицизмот во поднесувањето на ударите на судбината во напорот да биде достоинствен и во ситуација кога ќе биде напуштен, осамен и разголен до самата срж, односно сведен на црв. Останатите пет актери како што веќе споменавме толкуваат по неколку лика, а одлика на сите нив е концертната интерпретација. Чисто и јасно и во дикцијата и во телесната експресија. Станува збор за актерите Осман Али, Насрин Таир, Ерман Шабан, Зубејде Али и Ебру Муслиу.
„Крал Лир“ на Турскиот театар е претстава за тоталниот распад и на кралството и на семејството, а која е моќна, сугестивна и впечатлива.
ТОДОР КУЗМАНОВ
РАДИО СКОПЈЕ – КУЛТУРЕН МОЗАИК
16.03.2018 г.