ПЕРФОРМАНС ЗА ЧОВЕЧКАТА ДЕСТРУКТИВНОСТ

ПЕРФОРМАНС ЗА ЧОВЕЧКАТА ЗА ДЕСТРУКТИВНОСТ

( “Среќна нова година“ по Дејвид Ајвс и Данил Хармс; дранатизација и режија, Бојан Трифуновски; продукција, Турски театар; премиера, јануари 2018 г.)

Режисерот Бојан Трифуновски кој овде настапува во двојна улога која подразбира и драматизација, уште со самиот избор на текстовите и авторите се определува за создавање на необичен театарски чин кој апсолутно може да се категоризира како еден вид на постдрамски театар односно претстава.  Драмската предлошка или синопсисот овде се темелат на двајца автори од две различни епохи, Данил Хармс, претставникот на руската авангарда од првата половина на минатиот век и нашиот современик, американскиот драмски писател, сценарист и романсиер, Дејвид Ајвс. Заедничко за двајцата автори се кратките форми на книжевниот израз, но и тематски тие се слични и се дополнуваат во сликањето на деструктивната човечка природа кој убаво се содржи во фразата, дека „човек на човека му е волк“ иако постојано се маскира во нешто друго, а во овој перформанс на режисерот Трифуновски во ефтин зајачки костим. Во претставата на стилизиран начин  доаѓаат до израз својствата на споменатите автори. Ајвс инаку важи за господар на јазикот со кој се емитираат значења, звуци и асоцијации, а Хармс прозвучува со својот надреалистичен и апсурден стил во кој се мешаат сликите на сироматштво и беда со фантастичните настани и необични случувања. Во стилот на постдрамскиот театар овде се осмислени и просторот и времето, но и аудио-визулените инсталации. Така просторот е менталната соба со пијано, во која уметникот, но и сите останати ликови се преиспитуваат, а времето е определено со флоскулата „пет до 12“ пред налетот на Новата година. На публиката во оваа констелација и се нуди симултано и мултиперспективно восприемање на разни асоцијации и значења кои произлегуваат од зборовите кои често се повторуваат. Нема класичен драмски текст туку текст за театар. Нема ни класични драмски карактери туку само ликови кои ја пресоздаваат театарската реалност односно се овде е насочено кон авторефлексија и автотематизирање на самиот театар. Во создавањето на овој постмодернистички перформанс режисерот Трифуновски има комплетна подржка и од своите соработници, сценографот Љупчо Јованов кој просторот го обликува во три нивоа или три плана. Во преден план е пијаното и уметникот кој ја води играта, во вториот е апстрактниот круг, (кој асоцира на ритуал), а позади него масата на која упадливо е испишано ПАУЗА. Ова, исто така, е еден елемент на постдрамскиот театар кој е на пример особено присутен во некои од пиесите на Брехт. Овде Паузата буди разни асоцијации. Таа го означува местото на кое ликовите се повлекуваат во заветрина, по бурните турболенции на самоспознанието, но  може да важи и како одредница на самиот театарски чин, односно дека самата претстава е ПАУЗА во процесот на човековата деструкција како на светот, така и на себе си. Главен сегмент во ова необично театарско случување е и музиката на Ади Имери како фон на целото дејство и речиси непрекинато присутна, како и костимографијата на Елена Вангеловска и Антонија Гугинска Јорданоска кои сугерираат разни епохи и мередијани. Кореограф во претставата е Александра Кочовска Начева.
Режисерот Труфуновски создавајќи еден вид на концептуален театар во постмодернистички стил ја користи како стилизацијата, така и дистанцата, па така тука нема место за патетика и „тешки“ преживувања туку релативно лесно поигрување со веќе споменатата деструкција, но во еден пријатен и разнолик, колоритен амбиент со темпо и ритам кои обезбедуваат една динамичност на сценската атмосфера. Понекогаш оваа искривена реалност продуцира и комични односно забавни елементи кои публиката ги препознава и подржува.
Десетчлениот актерски ансамбл на Турскиот театар ангажиран во овој перформанс делува компактно и сигурно. Секој од актерите има свои пет минути кои без исклучок се одлично искористени. Сите интерпретации и креации се убаво осмислени и изведени. Значи во случајов имаме и ансамблово и индивидуално високо ниво на актерска изведба во која учествуваат Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит. 
Несомнено дека во претставата на Трифуновски текстот е само еден од елементите на претставата, но не и најважен. Тука нема класична приказна, односно фабула, јазикот е самостоен, а ликовите недефинирани. Тоа се разбира, неа ја прави и помалку херметична и затворена ставајќи ги гледачите во позиција да ги толкуваат и растајнуваат како знаците, така и зборовите односно во потрага по смислата на збиднувањата и будење на нивната фантазија. Токму балансот помеѓу употребата на повеќе сегменти на театарскиот чин неа ја прават гледлива, симпатична и провокативна...

Тодор Кузманов
Радио Скопје – Културен Мозаик
18.01.2018