„Водна борба“ меѓу љубовта и злото
Најголемото зло и отров во човекот е мислата – порачува режисерот Дејан Пројковски со новиот проект „Отело“ од Шекспир, која од минатата недела е на репертоартот на Турски театар.
Пројковски, ја зема темата од Шекспир, човечката љубомора, завист и пакост, тема која е мината, сегашна и идна и ја сместува во модерна рамка. Трупа од шестмина актери доаѓа овде и сега и одлучува тука да го игра „Отело“, на малата сцена во Театар Комедија, каде привремено е сместен Турскиот тетара.
Нема штици, туку актерите 1 час и 40 минути играат во базен со вода, со димензии шест на шест метри. Во една топла и спарна атмосфера не играат само улоги, туку и танцуваат, се борат, се прскаат, пијат вода, се качуваат по јажиња. Час во водоотпорни чизми, час боси, аплаузите првенствено одат за физичката спремност и издржливост на Џенап Самет, Сузан Акбелге, Селпин Керим, Осман Али, Зубејде Али, и Неат Али.
Претставата изобилува со театарска симболика, во секој аспект, костимографски, сценографски и режисерски.
Водата е нов мотив на Пројковски, после оганот и земјата, за која вели дека во „Отело“ треба да ги измиеме гревовите. Водара е и брачната постела, местото за злосторство, водата е простор за игра, водата е симбол и за солзите на Десдемона.
Јаго (Селпин Керим) е очигледно водечкиот лик, нишката која ги поврзува сите настани во претставата, сите дејствија се синџирно поврзани, водат кон неговата цел: да го понижи, уништи и порази Отело (Самет) притоа уништувајќи ги животите на Дездемона, Касио, Емилија и на Родриго.
Сценографијата е на Татјана Христоска Блажевска, костимите на Тања Кларис, кореографијата на Олга Панго, а музиката на Горан Трајкоски.
Б. Н.
http://www.vest.mk/