Турски Театар: "Сон на летната ноќ": меѓу сонот и јавето

Одбележувањето на времето на постоењето - 65 години, Турскиот театар го започна со премиерата на Шекспировиот "Сон на летната ноќ", во режија на Александар Поповски, со речиси целиот актерски ансамбл. Сите заедно се во приказната која се одвива меѓу сонот и јавето. Сите заедно создале претстава која ги следи можностите на ансамблот, и тоа на најдобар начин. 

Во приказната, од денешен агол, се љубовта, илузиите и идеологиите, сонот/соништата и сето она што сме го заборавиле а е темел на убавината на живеењето. Меѓу сонот и јавето има завеса - и буквално -, зад која режисерот ќе рече "ретко погледнуваме", но пред и зад неа, се соништата на сонувачите. Сите се "сопнуваат" на неа, се вплеткуваат, го бараат волшепството на сонувањето и на љубовта. Се преплетуваат јавето/стварноста и сонот: еден по еден, еден на друг. Без разлика кој е и каков е сонот, се бара вистината/можноста/важноста да се сонува. 

Режисерски концепт на Александар Поповски на Шекспировиот "Сон на летната ноќ", е многу јасен: завесата ги дели соништата и јавето - денес. Овој концепт Поповски го доградува трети пат, за седум/осум години. Првиот ваков "Сон..." му беше во Загреб во Театарот "Гавела" (2007, претставата на разни нивоа беше наградена и оценувана како најдобра), а потоа и во Истанбул. Искуството/работата со авторот на музиката Кирил Џајковски, или костимографката Јелена Проковиќ, и со сценографот Свен Јонке (во Турскиот театар) создале претстава со цврста рамка и уште појасна реализирана идеја. Покрај сценографското и костимографското решение, она што ја движи/води претставата е музиката на Џајковски. И работата на Поповски со актерите. 

Концептот на актерската игра е брз, комплексен и комичен. Сите се разиграни во сценската приказната меѓу стварноста и важноста на сонувањето кое денес ? којзнае каде затурено (а, нели, соништа никаде не се продаваат ни купуваат). Ја носат пораката за важноста на сонувањето иако, на тој пат има разни препреки. Соништата и љубовта го изборуваат своето право. 



Играта ја води одличниот Салаетин Билал како шумскиот волшебникот Пук. Но не е сам. Со него се и Атила Клинте (Тезеј и Оберон), Сузан Акбелге (Хиполита и Титанија), Тамер Ибрахим (Егеј), Осман Али (Лисандер), Селпин Керим (Деметар), Филиз Ахмет/Несрин Таир (Хермија), Слаѓана Вујошевиќ (Елена), Аксел Мехмет (Петер Кинс), Џенап Самет (Ник Ботом), Неат Али (Францис Флут), Ерман Шабан (Том Сноут), Ријад Тахир (Снаг), Тамер Ибрахим (Старвелинг), Росана Стефанова (Вила) и Сара Цветковска (Вила). 

Сè јасно создадени ликови од уште појасната Шекспирова приказна кои, колку и да ни се блиски толку е потребна моќ да се спојат во една ваква динамична актерско музичка претстава во која се преплетуваат разни искуства и начини кои, заедно, создаваат мислечки игрив театар. 

При подготовката на претставата, и режисерот и актерите, тргнале и од одговорноста и фактот дека се одбележува голем настан - 65 години работа на Турскиот театар. Влогот на сите е видлив и, пред се добро насочен: да се покаже константниот раст на овој ансамбл и неговата моќ за создавање на добри претстави, со добри режисери и гости. Се разбира - и за добра публика. 

Извор:  http://www.globusmagazin.com.mk/