Шекспировска комедија која го носи амбиентот на ренесансата во денешно време

НУ Турски Театар - Скопје, на 11 април (понеделник) 2016 година, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Комедија на грешки“ од Вилијам Шекспир, во режија на Коле Ангеловски. Претставата ќе биде изведена на сцената во Театар Комедија со титл на македонски јазик.
 
Текстот „Комедија на грешки“ е меѓу првите комедии што ги напишал големиот драмски автор Вилијам Шекспир и базиран е на постар текст од Плаут, од римско време. Шекспир го надградил текстот на Плаут и внел повеќе ликови во претставата. Од друга страна, режисерот Коле Ангеловски веќе десетина пати работел во Турски театар и одлично ги познава актерите и нивниот креативен потенцијал.
„Дејството во ’Комедија на грешки‘ се случува во Ефес, Турција. Првиот предизвик беше да се постави претстава чие дејство се случува во Турција и на турски јазик да се игра во Турскиот театар во Скопје. Вториот предизвик, според мене поважен, беше што во Турски театар имав идеална подела на ликовите, бидејќи забуните што настануваат во претставата се случуваат поради тоа што во пиесата се појавуваат два пара близнаци, двајца господари и двајца слуги кои по некоја случајност се близнаци“, објасни режисерот Коле Ангеловски.



Главните четири ликови во претставата ги играат двајца актери, Селпин Керим и Џенап Самет, иако, Ангеловски нагласи дека во други претстави се случувало да играат четири актери. „Главната идеја е што актерската екипа се вклопува во мојата замисла за шекспировска претстава, со костими, сценографија и со музика која потсетува на ренесансните времиња, но, бидејќи претставата ја правиме во денешно време, има многу поврзувања со тоа што денеска се случува. Направивме шекспировска претстава која кон текстот гледа со дистанца од денешното време“, нагласи Ангеловски.


Сценографијата, која ја подготви Илина Ангеловска, е едноставна, функционална и убава, а потсетува на сценографиите на оригиналниот шекспиров театар „Глоуб“ и неговата театарска трупа, но се користат мотиви и од некогашниот римски град Ефес. Костимографијата е на Раде Василев, музиката на Џенгиз Ибрахим, додека преводот на текстот го направи Авни Гивда.
„Се обидов претставата да ја спакувам како патувачки театар, со сценографија која лесно се монтира и лесно може да се пренесува од едно на друго место, секако со назнаки кои се неопходни за дејството во претставата“, рече Илина Ангеловска, која изрази големо задоволство од соработката со Турски театар.
Актерската екипа, речиси, едногласно рече дека процесот на подготовка на претставата со Коле Ангеловски бил многу забавен, така што колку полесно тече соработката, толку поуспешна претстава излегува на сцената.
„Сериозна работа е да се подготвува комедија, уште посериозно е да се работи на текст на Шекспир, но со режисерот Коле Ангеловски целиот тој процес беше вистинско уживање“, потенцира актерот Селпин Керим.
Улогите во „Комедија на грешки“ ги толкуваат Селпин Керим (како Антифол од Ефес и Антифол од Сиракуза), Џенап Самет (како Дромио од Ефес и Дромио од Сиракуза), Ријад Тахир (како Балтазар и како Пинч), Неат Али (Анџело), Несрин Таир (Адријана), Сузан Акбелге (Лучијана), Фунда Ибрахим (како Игуманијата и како Џандар) и Зиба Радончиќ (Метреса).
„Оваа година Турски театар со две претстави го одбележува јубилејот на Шекспир (400 години од неговата смрт, н.з.), а тоа се ’Комедија на грешки‘ во режија на Коле Ангеловски и наесен, ’Отело‘ во режија на Дејан Пројковски. Исто така, и минатата година имавме претстава од Шекспир, ’Сон на летната ноќ‘ во режија на Александар Поповски, така што некако се навикнавме да поставуваме дела од Шекспир“, објасни Атила Клинче, директор на Турскиот театар во Скопје.

Извор: www.mkd.mk/